Завршена тендерската постапка, на 155 позиции во Штип ќе бидат поставени видео надзори

На 155 позиции во Штип во наредниот период ќе се постават камери, согласно проектот за безбеден град, Тендерската постапка е завршена со што се очекува да се избере најповолен понудувач. Со поставувањето на видео надзор во Штип ќе се зголеми безбедноста во градот, а целта е да се намалат и девијантните појави, уништувањето на урбана опрема, паркови и слично.

„Тендерската постапка е завршена. Следните денови ќе се изврши и избор на најповолен понудувач, кој ќе има за обврска на 155 локации во нашиот град да постави видео надзори. Со тоа ќе се евидентираат сите девијантни појави, оштетувања на јавен простор, на урбана опрема, нешто што константно ни се случува како појава.“ – вели Јорданов.

На влезовите во Штип ќе бидат поставени камери, но и на останати локации како сообраќајници, крстосници, булевари. Дополнително видео надзор ќе има во основните и средни училишта, во паркови, на јавни површини и слично.

„Локациите се утврдени во координација со СВР Штип, но и за потребите на институциите под Локална самоуправа вклучувајќи ги овде сите образовни институции, градинките, паркови, сообраќајници, крстосници, влезови на градот, и секако градската депонија“ – додава Јорданов.

Инаку од вчера започна да функционираат камерите од Безбеден град во Скопје. Известувањата за сторените прекршоци граѓаните ќе ги добиваат преку СМС порака на мобилен телефон и на електронска адреса, а рокот за плаќање е осум дена. Само во првите 12 часа од стартот на „Безбеден град“ вчера биле регистрирани 65.000 прекршоци од кои за поминување на црвено светло 2800 и нерегистриран автомобил 1000.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет