
По осум одиграни рунди во кошаркарската Суперлига на Македонија, екипата на ТФТ Скопје е на врвот со 15 бодови, учинокот на тимот од скопскта населба Тафталиџе е седум победи и еден пораз од актуелниот шампион МЗТ.
На делба на втората позиција е битолски Пелистер и шампионот МЗТ со по 14 бодови. Со двата порази во низа екипата на МКК Куманово е четврти со 13 бодови, а толку има и Кожув кој е петти на табелата. Тимот на Работнички е шести со 12 бодови, а по 11 бодови имаат три екипи односно Тиквеш, дебитантот Маџари и Феникс.
Чаир е на десеттата позиција со десет бодови, а толку има и Гостивар кој е претпоследен, а пак тимот на Ангели е на дното од табелата со девет бодови и ефект од една победа и седум порази.
Прва петорка за осмото коло на Суперлига ја сочинуваат Теодор Симиќ од Кожув, Бизмарк Ниах од Феникс, Урош Луковиќ од МКК Куманово, Џејкоб Хатсон од Работнички и Петар Бошалески од Тиквеш.
Втората петорка за осмата рунда ја сочинуваат дури два кошаркарки на Гостивар тоа се Џелиус Елербе, Кенан Карахоџиќ, Андреј Митревски и два кошаркарки на Маџари, Џавон Грин и Амар Хот.
Александар Ванев, М-Нет