
Во тек е процедурата за обезбедување финансиски средства за Клиничката болница Штип, проект што премиерот Христијан Мицкоски го истакна како приоритет, заедно со универзитетот и студентскиот дом. Тој посочи дека по официјално завршените избори владата може да излезе на пазарот и да побара најповолна финансиска понуда. Покрај КБ Штип, Мицкоски ги најави и проектите за проширување на дејноста на Болницата во Кичево, како и за унапредување на болницата во Тетово. Подготовките се во тек, а реализацијата ќе започне веднаш по обезбедувањето на средствата.
,,Поради локалните избори не можевме да излеземе на пазарот и да бараме финансиска институција. Сега веќе откако официјално завршија и таа процедура ја почнваме. Прво финансиска понуда, па дури потоа можеме да влеземе во реализирање. Инаку намерата на владата е токму тоа штипската КБ, заедно со универзитетот и домот, Болницата во Кичево со проширена дејност и КБ во Тетово. Јас ќе сторам се што можеме како претседател на Влада да направиме едно јако силно јавно здравство.“, потенцираше Мицкоски
Покрај ваквите инвестиции, Мицкоски потенцираше дека ќе се работи и на подобрување на приемот на пациенти и организацијата во здравствените установи, се со цел секој пациент да добие квалитетни и навремени услуги.
,,И ургентните пациенти и оние кои што се редовни закажани по Мој термин се измешани и навистина глетката е би рекол не добра. За да биде добра треба една координирана акција на повеќе институции и дозвола од повеќе институции за да можеме повеќе да направиме. Не секогаш зависи од желбата, тука има и некој други моменти, кои што треба да бидат исполнети. Јас сум убеден дека многу скоро од денеска секој еден ќе може да почувствува дека Јавното здравство нуди услуги кои што се конкуренти и квалитетни, тоа е она кое што можам да го кажа, иако до денес можам да и честитам на здравствените работници за она што го прават, најголемито дел. Затоа што прават вонсериски напори и вложуваат.“, рече Мицкоски
Со овие вложувања и организациски промени, Мицкоски е дециден дека владата има за цел да го зајакне јавното здравство и да ги модернизира болниците низ целата земја. Особено внимание ќе се посвети на Клиничката болница во Штип, тетовската болница и Болницата во Кичево. На овој начин, пациентите ќе добијат побрзи, поефикасни и квалитетни здравствени услуги.
Иван Митев, М-Нет