
Македонија го заврши квалификацискиот циклус за Мундијалот 2026 со тежок пораз во Кардиф – 7:1 против мотивираниот Велс. И покрај стабилните игри во претходните кола, овој резултат ја турна селекцијата на Благоја Милевски на третото место во групата, па пласманот ќе се бара преку плеј-офот од Лигата на нации.
Велс доминираше од првата минута. Хари Вилсон го отвори резултатот од пенал, Брукс веднаш зголеми на 2:0, а единствена светла точка за Македонија беше голот на Миовски, по одличната акција со Велковски. Но домаќините продолжија во исто темпо – Џонсон пред полувреме донесе 3:1, а во вториот дел Велс целосно ја презеде контролата.
Даниел Џејмс направи 4:1, Вилсон со слободен удар и уште еден пенал ја комплетираше својата вечер, а Броудхед со гол по корнер го постави конечниот 7:1.
Македонија сега ќе чека бараж кој носи многу потежок пат. Можни ривали се Италија, Турција, Украина или Австрија. Ждрепката ќе се одржи во четврток, а „рисовите“ ќе гостуваат во полуфиналето.
Александар Ванев, М-Нет