
Во сабота „Маршот за ангелите“ наместо во Кочани ќе се одржи во Скопје, во знак на сеќавање на 63 жртви од пожарот во дискотеката.
Маршот на семејствата на загинатите, кои инаку секоја сабота маршираат во Кочани, овој пат ќе започне во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, од каде што учесниците ќе продолжат кон Собранието и Основниот кривичен суд Скопје.
„Нашите деца умреа на 16 март. 63 деца кои никогаш повеќе нема да ги видиме. Не бараме милост, туку вистина и правда. Болката е наша, но борбата е за сите нас. Ни треба ваша поддршка,“ порачаа семејствата на загинатите во својот повик до граѓаните да им се придружат во маршот за правда и одговорност.
Следната среда пак во судницата во Идризово треба да почне судењето против 34 обвинети и три правни лица. Обвинителството веќе ја подготвило стратегијата со која во судница ќе го застапуваат обвинението. Обвинителскиот тим е проширен на 15 обвинители.
Обвинение за полицајците осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе има на почетокот на декември. Државниот обвинител Коцевски, кој првично најави завршување на истрагата во септември, сега вели дека изминатиот период биле сослушувани сведоци, а јавно-обвинителска одлука најави за почетокот на следниот месец.
Оваа истрага се води во обвинителството за гонење организиран криминал против 26 полициски службеници за „Тешки дела против општата сигурност“ кои беа осомничени во неколку наврати. Во кочанското обвинителство сè уште трае и предистрагата за вработени од УЈП во врска со објавената комуникацијата меѓу синот на газдата на „Пулс“ и инспектори од Управата кои по медиумските истражувања беа суспендирани.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет