
По осум одиграни кола во Првата женска ракометна лига дебитантот Атлетик го држи врвот со 12 бодови на своето конто, а скопскиот тим има максимален учинок од шест победи од толку натпревари, а со меч помалку.
На второто место е тимот на Ѓорче Петров 2 кој има учинок од шест победи и еден пораз и има 12 бодови, а пак трет е составот на Овче Поле од Свети Николе, ракометарките забележаа четири победи и три порази, а во идентична форма е и тимот на Деспина, исто така со скор од четири победи и три пораз и осум бодови на своето конто.
Стружанка сега е на петтата позицјиа со шест бодови, Јехона е претпоследна со два бодови, а на дното останува Шампион како единствен тим кој нема позитивен резултат и нема бодови, односно „фенерџијата“ има седум порази од толку натпревари.
Првата позиција води директно кон Суперлигата, а пак второпласираниот тим игра бараж со претпоследната екипа од Суперлигата за можен влез во ракометната елита на Македонија во женска конкуренција.
Атлетик е прв фаворит за влез во Суперлигата, но Ѓорче Петров 2 иако го загуби првото соочување, сигурно е дека на второто нивно меѓусебно соочување ќе бара триумф. Во секој случај овие две екипи ќе ја водат битката за првата позиција и сигурен влез во Суперлигата, а пак ракометарките на тимот од Свети Николе сигурно е дека ќе решаваат околу позициите во Суперлигата, бидејќи Свети Николе знае да се покаже како терен каде тешко се освојуваат бодови.
Повеќе од фактот што токму Анастасија Сентовска која го носи дресот на Овче Поле е најдобар стрелец со 56 бодови, а пак третиот најдобар стрелец во лигата одново доаѓа од овој тим, се работи за Елена Вучевска која има 45 погодоци, додека пак втор најдобра стрелец е Кристина Наумовска од тимот на Ѓорче Петров 2 со 47 погодоци. Најдобар стрелец на лидерот Атлетик е Моника Босилковска со 37 погодоци.
Минатата сезона сите екипи се натпреваруваат во една единствена лига односно во Суперлигата, а Ракометната федерација на Македонија од оваа година ја формираше Првата женска ракометна лига, па со тоа се овозможи да има поголема резултатска неизвесност и подобар квалитет како во Суперлигата каде имаме понеизвесни натпревари, така и во Првата лига.
Александар Ванев, М-Нет