Последните перачки на кладенецот Л’џи – живата историја на Ново Село

На стариот кладенец, наречен Лџи во штипско Ново Село, се уште перат саде неколку повозрасни Новоселки што се бројат на рака. Местото кое некогаш вриело од гласови, џагори песни и перачки, денес можеа да се избројат на рака повозрасните жени што се уште рачно перат алишта, стари черги и стази. Со свиткани ракави, сапун во рака и врела изворска вода, тие ја продолжуваат традицијата што граѓаните одамна ја заборавија. Велат машината пере, ама не чисти како кладенецот. И така, меѓу камењата и ехото од минатото, Ново Село се уште многу скромно, но со надеж ја чува својата жива историја.

Некогаш за перење се чекало ред, комшивките си разменувале муабет, случки и вести, а водата џагорела заедно со нив. Перњето одело како песна, и со песна завршувало се. Немале време за кавги и проблеми, а маката си ја споделувале една на друга

Меѓу камењата и ехото на старите песни, изворот Лџи тивко раскажува приказни за едно друго време. Практиката да се пере на ова место пополека умира, но споменот се уште живее во топлата изворска вода и во рацете на тие што не се откажале од традицијата.

Иван Митев, М-Нет