
Намален бројот на работници во индустријата во септември и тоа за 2,8 проценти во однос на истиот месец минатата година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Најголем пад е забележан во преработувачката индустрија, каде бројот на вработени е намален за 2,9 проценти, додека кај рударството и вадењето камен намалувањето изнесува 2,0 проценти. Најмал пад има кај снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, со 0,6 проценти помалку вработени.
Според главните индустриски групи, најголемо намалување на бројот на работници е забележано кај капиталните производи дури 6,4 проценти, а потоа следуваат нетрајните производи за широка потрошувачка со пад од 2,8 проценти и енергијата со 1,8 проценти. Од друга страна, зголемување има кај трајните производи за широка потрошувачка 4,8 проценти, како и кај интермедијарните производи (освен енергија) 0,2 проценти.
Во периодот јануари – септември 2025 година, бројот на работниците во индустријата е намален за 3,7 проценти во споредба со истиот период од 2024 година. Сумирано, индустријата продолжува да се соочува со намалување на бројот на работници, особено во преработувачкиот сектор, кој останува најзасегнат дел од економијата.
Иван Митев, М-Нет