Брегалница и Детонит Плачковица ги поделија бодовите – „сините“ го препуштија врвот!

Реми без погодоци и поделба на бодовите, меч со повеќе шанси за Детонит Плачковица во првиот дел, Брегалница во вториот дел се обидуваше преку свои шанси да најде начин за гол, но немаше завршница, а радовишани една од своите шанси ја претворија во гол кој беше поништен.

Сепак, двете екипи ремизираа без погодоци 0:0 во дербито на 10. коло на Втората лига под рефлектори.

„Одигравме одличен натпревар, но штета што не победивме. Во првото полувреме бевме доминантни моравме да ги искористиме шансите. Можам да кажам дека во првото полувреме одигравме перфектен натпревар, фудбалерите дадоа се од себе. На почетокот на второто полувреме малку Брегалница го зема поседот, створи некои полушанси, но сепак генерално шансите во второ полувреме ги имавме ние. Постигнавме чист гол кој што неоправдано ни беше поништен, не знам зошто и потоа во една сомнителна ситуација нашиот голман заработи втор жолт картон“, вели Здравков за М Нет телевизија.

Михолов ја имаше најзрелата шанса кај Брегалница во првиот дел, а Детонит Плачковица во првиот дел имаше неколку зрели шанси кои не ги претвори во гол, па на крај радовишани и можат да жалат што не победија. Со ремито најмногу доби Шкендија Арачиново која сега е на врвот од табелата.

Во финишот голманот на Детонит Плачковица, Димитар Ѓоргиев заработи втор жолт картон и беше исклучен од игра, а вториот голман Стефан Нанчовски беше одличен на голот и ја сочува чиста мрежата.

Веќе во вторник и двете екипи ќе имаат нови шанси за три бодови – Брегалница оди кај Слога во Виница, а пак Детонит Плачковица дома ќе се соочи со Новаци.