
Фудбалерките на Кочани претрпеа висок пораз на домашен терен, откако беа поразени во меч од вонредното 10. коло на Првата женска фудбалска лига од екипата на Скопје со резултат од 0:3.
Натпреварот беше решен уште во првиот дел со што трите бодови заминаа на контото на тимот на Скопје, а пак Кочани и натаму останува во долниот дел од табелата и ќе води битка за опстанок.
Најубедлива победа забележаа фудбалерките на Каменица Саса, на домашен терен со 9:1 ја декласираа Речица, во меч каде капитенот на домашниот тим Ана Димитровска постигна пет погодоци.
Тиверија Брера на домашниот терен во Струмица славеше минимална победа од 1:0 над Топ Гол од Битола, а натпреварот беше решен благодарение на голот на Ивана Илиева.
Ас Јунајтед со 1:2 триумфираше на гостувањето кај Вардар со што трите бодови заминуваат на контото на тимот од Струга. Пржино се покажа како тврдина каде тешко се освојуваат бодови – Истатов одигра 2:2 со шампионот Љуботен и со то тимот на Истатов кој го води искусниот стратег Кирил Изов е првиот кој зеде бод од шампионот сезонава, но и ја запре таа победничка серија од девет победи.
Во однос на самата табела екипата на Љуботен е на врвот со 28 бодови, втор е Скопје со 27 бодови, а пак Тиверија Брера е на третата позиција со 21 освоен бод.
На 4. место е тимот на Ас Јунајтед кој собра 19 бодови, а пак на петата позиција е Каменица Саса со 18 бодови, додека пак Истатов е шести со 16 бодови.
Следува драстичен пресек на табелата, односно следуваат четирите екипи кои ќе водат битка за опстанок. Вардар е седми со 5 бодови, а по четири бодови имат Топ Гол, Речица и Кочани.
Последнопласираниот тим директно испаѓа од Прва во Втора лига, а пак претпоследниот тим односно деветтопласираната екипа игра бараж за можен опстанок во Првата лига.
Александар Ванев, М-Нет