Намалени цени на штипскиот пазар, есенска разнобојност на тезгите

Намалени цени и раздвижен петочен пазар денес во Штип. Есенската понуда во полн сјај, тезгите полни со свеж зеленчук и овошје. Дел од производите се продаваа по пониски цени, што донесе повеќе купувачи и повесела атмосфера од вообичаено. Најмногу се бараа карфиолот, морковот и цвеклото, додека пиперките и доматите веќе ја завршуваат својата сезона. Според продавачите, цените во овој период најчесто варираат, но есента останува време кога штипскиот пазар е најбогат со домашни производи.

На тезгата на чичко Раде денеска најмногу се бараше цвеклото и морковот, додека пиперките и доматите послабо се продаваа. Купувачите ја користеа можноста за пониски цени и полни торби си заминуваа задоволни, а атмосферата на пазарот беше живописна и есенска.

Инаку овој петок се продаваше и зелката, идеална за туршија и буре, а се нудеше и различен вид чаеви, кои купувачите ги носеа за домашна употреба. Со богатата есенска понуда и пониските цени, штипскиот пазар денеска ја задржа живата атмосфера и вкусовите на домашното производство.

Иван Митев, М-Нет