
На скромна тезга во центарот на Штип, секое утро стои 88-годишниот дедо Дане, нудејќи чаеви и билки набрани од високите падини на Серта и Плачковица. Цело лето пешачи по планините, ги собира најлековитите тревки и сам ги суши за да направи природен лек против кашлица и настинки. Чаевите ги продава по симболична цена – за секој што сака здравје од природата, без хемија. Штипјани велат, ако има природен лек, тоа е чајот на дедо Дане. Неговата тезга не е само продажно место, туку место каде минувачите се муабетат и учат од него.
„Жолт кантерион, босилок, црн слезен, жолт ајдучка, бела ајдучка, мајчина душа, глок, нане, драка, камилица, жалфија, коприва, бозел.“, вели дедо Дане
Бидејќи има голем број на литература, дедо Дане одтаму има познавање за сите билки и чаеви, ама тешко дека некој ќе го наследи.
И додека фармациите се полни со скапи сирупи и таблети, дедо Дане нуди нешто поретко и повредно: лек од природата, направен со раце, срце и долгогодишно искуство. Неговите чаеви не се бренд, туку доверба што се градела со генерации. Во нив има чист воздух од планината, топлина од сонцето и тивка сила од билките што ги бере цело лето. Додека минуваш покрај неговата тезга, можеби ќе видиш само стар човек со неколку теглички чај – но токму таму се крие вистинската моќ на народната медицина. И во време кога сè се брза и заборава, дедо Дане нe потсетува дека најдобрите лекови растат тивко, далеку од градската врева.
Иван Митев, М-Нет