Во сабота во Штип ќе се вози шампионски круг за Петар Мијалков, кој е нов европски шампион во мотоциклизам

Штипјанецот Петар Мијалков е нов шампион во БМУ Европскиот шампионат, што е негов најголем успех во кариерата, а патот до овој голем успех не беше лесен. Мијалков зад себе имаше сезона со падови и повреди, но успеа да стигне до посакувате цел – европски шампион.

Токму по тој повод во Штип ќе се вози шампионски круг за Мијалков, а на тој начин и да се прослави европската титула. Собирот за овој настан е предвиден да започне во 11 часот кај Градскиот стадион во Штип, а 30 минути подоцна започнува дефилето низ центарот на градот, а во 12 часот ќе пристигнат на градскиот плоштад, каде ќе бидат изложени тркачките мотори.

„По повод од две шампионски титули оваа година ќе одржиме настан во сабота на 25 октомври со почеток во 11 часот, ќе се собериме кај градскиот стадион т.е. кај новата пошта. Во 11:30 часот започнува со дефиле низ центарот на градот и од таму во 12 часот се стационираме на градскиот плоштад, каде што ќе бидат изложени двата тркачки мотори. Сите љубители на овој спорт може да дојдат и да видат како изгледаат едни тркачки мотори за на стаза“, вели Мијалков во изјава за М Нет телевизија.

Сите посетители ќе имаат можност да ги видат тркачките мотори, да се запознаат одблизу со Мијалков кој направи нов огромен успех не само за Штип туку за цела Македонија и да видат каков е патот до успехот.

„Да, имаат покани сите моторџии во целата држава, се надевам дека ќе бидеме во доста голем број“, дополнува Мијалков.

Минатата сезона Мијалков заврши на второто место односно беше вицешампион, но сега ја исполни својата цел да биде шампион и титулата ќе ја прослави во сабота во неговиот роден град.

Александар Ванев, М-Нет