Пеналите кобни за Брегалница која го заврши настапот во Купот, Шкендија Арачиново го исфрли Пелистер!

Второлигашот Брегалница од Штип ги заврши настапите во Купот на Македонија, откако „сините“ загубија во пенал-рулетот од прволигашот Работнички. Регуларниот дел заврши со по еден гол за 1:1, откако најпрво тимот од Дебар Маало го отвори резултатот преку Џељиљ Асани, а пак на стартот од вториот дел Еди Мандак ги постави конечни 1:1.

Во пенал серијата екипата на Работнички беше подобра и со тоа патува во четвртфиналето од Купот на Македонија.

Со голот на Арсим Љамалари второлигашот Шкендија Арачиново обезбеди четвртфинале исфрлајќи го прволигашот Пелистер со минимални 1:0. Тимот од Арачиново ја продолжува одличната серија резултати.

Струга Трим Лум го декласираше тимот на Македонија ЃП откако мечот го доби со убедливи 0:5, а пак екипата на Силекс славеше во Куманово со 1:2 над Башкими.

Со тоа во четвртфиналето се Работнички, Силекс, Струга Трим Лум и Шкендија Арачиново, а претходно во четвртфиналето се пласираа второлигашите Охрид и Детонит Плачковица од Радовиш.

Александар Ванев, М-Нет