
Последен ден од саемот за мед и пчелни производи на шеталиштето Ванчо Прќе во Штип – шанса повеќе за граѓаните да вкусат и да купат природни производи од штипските пчелари. Мед, прополис, матичен млеч и восок – изложени на штандови зад кои стои долгогодишна работа, љубов кон природата и семејна традиција.Иако денот е последен, интересот се уште се чувствува. За некои посетители, ова е можеби последна прилика пред зимата да се снабдат со домашен, непреработен мед.
Посетителите на саемот не го кријат задоволството од понуденото. Велат дека домашниот мед нема замена и дека вакви настани се вистинска можност да се купи квалитетен и проверен производ.
Саемот полека завршува, но интересот за природни производи расте. Пчеларите заминуваат со порака – природата има решение за сѐ, само треба да ѝ веруваме. А медот останува симбол на здравје, традиција и доверба.
Иван Митев, М-Нет