
Брегалница е максимално подготвена за утрешното дерби од осмото коло на Втората лига против Скопје кое се игра под рефлектори, а на огромна радост на гледачите и навивачите се отвара за користење и новата трибина, тоа беше соопштено на денешната прес-конференција на штипскиот второлигаш.
„Сакам да најавам дека за утрешниот натпревар ќе биде пуштена во функција новата трибина односно западната трибина на Градскиот стадион во Штип, така да сите љубителите на фудбалот утрешниот меч ќе можат да го проследат и на новата трибина. Влезот за проследување на натпреварот ќе биде симболични 100 денари исто како и до сега иако термионт е вечерен односно ќе се одигра под рефлектори“, вели Горан Стаменков, портпарол на ФК Брегалница.
Натпреварот е дерби на два поранешни прволигаши, атмосферата е одлична, а капитенот на Брегалница, Стефан Коцев вели дека ќе го дадат максимумот за трите бодови.
„Утре е натпреварот против екипата на Скопје, која е една од посериозните противници наши во лигата. Но, ние како и на секој претходен натпревар сме доволно фокусирани, спремни да го дадеме својот максимум јас и моите соиграчи. Се надевам дека ќе има голем број љубители на фудбалот на новата трибина ќе бидат нашиот 12-ти играч кој ќе ни даде ветер во грбот за да направиме добар резултат, на крај да дојдеме до таа посакувана победа и да останеме на првото место на табелата“, вели Стефан Коцев, капитенот на ФК Брегалница.
Капитенот Коцев вели дека местото на табелата ја кажува потврдата на одличните резултати на Брегалница.
„Од досегашните резултати местото на табелата го кажува своето дека на секој натпревар сме го давале максимумот, затоа сме на првото место на табелата и се надевам дека ќе го задржиме истото“, дополнува Коцев.
Тревникот на Градскиот стадион во Штип се подготвува за утрешното дерби, а отварањето на новата трибина ќе биде причина плус со цел навивачите да дојдат во голем број и да дадат силна поддршка на Брегалница.
„Да ги поканам сите љубители на спортот и на фудбалот во Штип, утре да бидат 12-ти играч на нашиот тим, да дојдат и од новата трибина да ја бодрат нашата штипска гордост. Се гледаме утре во 18 часот на Градскиот стадион во Штип“, дополнува портпарол Стаменков.
Дербито меѓу Брегланица и Скопје се игра утре со почеток од 18 часот, а натпреварот ќе можете да го проследите во живо на М Нет телевизија.
Александар Ванев, М-Нет