
Уште една текстилна компанија се затвора во Штип, вработените алармираат за тешката состојба во која се оставени. Велат дека не ја земале последната плата, а од денеска останале и без работа и без здравствено осигурување.
„Ние, вработените во конфекцијата „БЛС Мода Ексклузив“ – Штип, сакаме да ја известиме јавноста за тешката состојба во која сме оставени од страна на работодавачот. Последната плата со рок за исплата до 15 септември 2025 година не е исплатена, а од 1 октомври 2025 година останавме без работа, без плата и без никакво здравствено и пензиско осигурување. На овој начин сме оставени буквално на улица, без средства за егзистенција и без елементарни работнички права. Сметаме дека ова е голем срам и неправда кон нас и нашите семејства, и бараме јавноста да биде запознаена со нашата состојба и институциите конечно да преземат мерки.“ – стои во соопштението испратено од страна на вработените.
М-Нет телевизија побара одговор од компанијата, но до емитување на прилогот повратен одговор не добивме.
Ова е уште една во низата затворени конфекции во Штип последниот период. Пред еден месец својот револт го искажаа и вработените од друга текстилна комапнија, кој од одмор наместо да се вратат на работа беа известени дека фирмата се затвора, а тие беа оставени на улица.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет