Џиновската пастрмајлија годинава рекордно голема, ќе се подготвува со 17 килограми свинско месо

Џиновската пастрмајлија оваа година ќе биде рекордно голема. За првпат ќе се употреби 17 килограми свинско месо, најмногу до сега споредбено со годините наназад. Ќе биде подготвена по стар штипски рецепт и со сечење на истата на шеталиштето „Ванчо Прќе“ ќе се означи стартот на овогодинешното издание на манифестацијата штипска Пастрмалијада.

„За оваа година подготвивме околу 17 килограми свинско свежо месо, значи рекорд. Лани беше околу 15 до 16 килограми, оваа година се 17 килограми месо. Ќе има околу 25 до 30 килограми тесто и два до три литри зејтин.“ – вели Малинов.

Дополнително подготвени се и машините и работната рака, со цел џиновската пастрамајлија освен рекордно најголема досега да биде и највкусна.

„Ние бидејќи имаме доволно опрема, ќе ни бидат потребни околу два часа, со печењето околу два ипол часа. Ќе имаме четири до пет луѓе кои се опремени со знаење да помогнат, толку луѓе ќе ни бидат потребни за да ја однесеме пастрмајлијата до бината“ – додава Малинов.

Манифестацијата Пастрмалијада утре ќе се одржува на шеталиштето „Ванчо Прќе“, каде е предвидена целодневна музичка програма и настап на локални музичари од Штип. Дополнително на десет поставен штандови ќе се продава од штипскиот специјалитет пастрмајлија – кој ќе биде достапен за посетителите.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет