Започнува конкурсот за упис на бруцоши во студентскиот дом „Браќа Миладиновци“ во Штип

Од денес започнува конкурсот за прием на бруцоши во студентскиот дом „Браќа Миладиновци“ во Штип и истиот ќе трае до 17 септември. Може да конкурираат сите студенти кои ги исполнуваат условите, запишуваат прва година на УГД Штип и не се од Штип. Во меѓувреме заврши конкурсот за сместување на студенти од втора до четврта година и согласно резултатите на МОН во студентскиот дом во Штип примени се 107 студенти.

„Во периодот од 25 јуни до 10 јули беше конкурсот за прием на средношколци. Тој заврши, но резултати сѐ уште нема. Конкурсот за студенти траеше од 15 до 31 јули, а резултатите излегоа на 6 септември. Кај нас во домот влегоа 107 студенти. Во текот на оваа недела од 9 до 15 септември може да поднесат приговор.“ – вели Барбашка.

Во меѓувреме летниот период се искористи за подобрување на условите во студентскиот дом за идните студенти, но и ученици кои ќе бидат сместени овде.

„Во летниот период се вршеше внатрешна санација на просториите за студентите, се обелуваа сите соби. Подготвени сме за прием на студентите и официјално започнување на учебната година“ – додава Барбашка.

Студентскиот дом „Браќа Миладиновци“ Штип располага со капацитет од 236 легла, над 40 соби подоготвени за студентите и средношколците.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет