Во завршна фаза реконструкцијата на спортската сала во ООУ „Тошо Арсов“ Штип

Нова подлога, уредени трибини и нови реквизити – во завршна фаза е реконструкцијата на училишната спортска сала во ООУ „Тошо Арсов“ во Штип. Како што истакна градоначалникот, Иван Јорданов, станува збор за реконструкција на сала во која ништо не било променето откако е изградено училиштето. Согласно приоритетите за работа се спорведоа активности и во ова училиште.

„Нанесена е новата подлога, поставени се седишта на самата трибина, направена е реконструкција согласно предвидениот проект. Во меѓувреме овие денови се поставуваат реквизити, кошеви, голови. Очекувам во наредните денови да бидецелосно завршена.“ – вели Јорданов.

Освен спортската сала, изминатиот период се работеше на санација на тоалетите и уредување на училишниот двор, со што се подобруваат условите за настава и за учениците и за наставниците.

„Оваа учебна година се подобрени условите во нашето училиште. Со санацијата на спортската сала нашите ученици ќе може да реализираат квалитетни часови по физичко образование. Имаше санација и на тоалетите, а исто така е уреден и училишниот двор“ – вели Ангеловска.

Во месец септември се очекува да започне реконструкцијата на училишната спортска сала и во ООУ „Димитар Влахов“.

„Во текот на месец септември ќе започне реконструкцијата на спортската сала во ООУ „Димитар Влахов“. Ова е уште една спортска сала која има потреба од реконструкција на кровот, на соблекувалните, на подлогата, на сето она кое е предвидено во рамки на проектот. Исто така и оваа спортска сала е училишна спортска сала која никогаш претходно не била реконструирана откако е изградено училиштето.“ – додава Јорданов.

Во рамки на Буџетот од 4,5 милиони денари се предвидени сите активности во ООУ „Тошо Арсов“ во Штип.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет