
Откупот на пченицата за стоковните резерви предизвика и зголемување на цената на лебното зрно за еден денар. Потпреседателот на Асоцијација на земјоделци, Гоце Сарафимов, вели дека одредени млинови почнале да ја откупуваат пченицата по 13 денари, колку што изнесува и цената за откуп за стоковните резерви. Претходно цената беше по 12 денари за килограм.
„Откупот на пченицата почна пред една недела. Секој индивидуален земјоделец може да продаде од пет до 30 тона пченица. Сега откако започна откупот на стокови резерви, и некои фирми ја откупуваат по цена од 13 денари“ – вели Серафимов.
Тој додава дека за првпат се откупува пченица за стоковните резерви од индивидуалните земјоделци, кои можат да предадат од 5 до 30 тони лебно зрно за стоковните резерви. Сарафимов вели дека очекува наредната година откупот на пченицата да биде порано, какошто им ветиле од ресорното министерство. Смета дека со ова ќе бидат и подобри цените за откуп на житните култури.
Според евиденцијата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостапанство годинава под пченица била засеани 70.000 хектари, а проценките дека се произведени од 280.000 до 300.000 тони пченица, со што ќе се задоволат домашните потреби.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет