
Во текот на вчерашниот ден на натпревар од младинските лиги меѓу Брегалница и Шкупи се случи голем инцидент, кој веднаш го осуди ФФМ, но и домашниот тим, откако група родители на гостински играчи ги нападнаа фудбалерите на Брегалница.
Во врска со вчерашниот настан во Клиничка болница -Штип се донесени двајца малолетни пациенти. По направените испитувања во стабилна и вонживотна опасност двајцата пациенти се пуштени на домашно лекување.
Во Клиничка болница -Штип од страна на дежурниот доктор кај пациентите констатирани телесни повреди а еден од нив се здобил и со пукнатина на носна коска.
Од Министерството за внатрешни работи истакнаа дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот, по што ќе бидат поднесени соодветни пријави.
На 24.08.2025 во СВР Штип било пријавено дека околу 11:40 часот на игралиштето „Бело Брдо“ во Штип, за време на одигрување на првенствен фудбалски натпревар помеѓу екипи на помлади пионери на ФК „Брегалница“ од Штип и ФК „Шкупи“ од Скопје, А.А.(43) од Скопје, родител на фудбалер од ФК „Шкупи“, физички нападнал двајца малолетници од Штип, фудбалери на ФК „Брегалница“, и им нанел повреди.
Веднаш по нападот, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода А.А., а малолетниците биле пренесени во Клиничка болница Штип за укажување помош. Во врска со настанот во СВР Штип, во присуство на родители и претставник на Центар за социјални работи Штип, бил извршен службен разговор и со двајца малолетници од Скопје, фудбалери на екипата на ФК „Шкупи“. Известен бил јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот, по што ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Александар Ванев, М-Нет