
Брегалница и Кожуф го одиграа единствениот меч без погодоци (0:0) на стартот од новата сезона во Втората лига. Ова беше соочување на двата штипски тренери Влатко Костов и Иван Варадиновски.
Тренерот на Брегалница, истакна дека подоцна започнале со подготовките, а за мечот со Кожуф истакна дека имале амбиција за да победат.
„Прв официјален натпревар значи морам да кажам од почетокот малку каснење во подготовките направена селекција тоа што ни треба. Влеговме во натпреварот нормално со амбиција да победиме, иако во поголемиот дел од натпреварот ние имавме посед на топка, ние игравме на нив половина, меѓутоа немавме решение за тој последен пас, за тоа последно додавање, да може да реализираме. Секако има мало разочарување меѓутоа е почеток на сезоната, сигурно има многу тешки натпревари во сезоната. Екипата од натпревар во натпревар очекувам да игра се подобро и подобро, важно бевме дисциплинирани, недозволувавме нешто повеќе да направи противникот и самата публика виде дека и ние цело време бевме тие што игравме на нив половина, меѓутоа уште еднаш ќе кажам, тешко се пробиваше тој бедем кој што го имаа, овде требаше искуството на играчите од индивидуални потези да можат тоа што го зборував цело време да направат висок да можеме да дојдеме до ситуација пред гол“, вели Костов.
Искусниот тренер Влатко Костов упати благодарност до публиката која даваше поддршка од трибините.
„Јас сакам да се заблагодарам на сите луѓе што присуствуваа на стадионот што ни дадоа поддршка што очекуваа луѓето со право да победеме, меѓутоа јас како човек им ветувам на секој нареден натпревар било каде да играме, Брегалница ќе игра на победа. Како спортисти мора да прифатеме дека има и вакви моменти, меѓутоа реков дека ќе правиме се за да можеме од натпревар во натпревар да бидеме подобри и да го задоволиме овој народ којшто можеби отиде малку разочаран, меѓутоа мора да сфатат дека после толку време кога ќе се собереме со пократки припреми и кога ќе се соберат толку многу играчи, сепак треба време да се воигра тимот“, дополнува Костов.
Брегалница ќе цели кон влез во Прва лига, за што потврди и Костов за М Нет, притоа истакна дека ќе има и тешки натпревари, но тие се подготовени за секој следен предизвик.
„Што се однесува до амбициите, амбициите ние не ги криеме. Ние до последно коло ќе се бориме за влегување во повисок ранг. Нормална работа ќе имаме тешки натпревари, но мислам дека сите сме подготвени за секој нареден натпревар“, изјави Костов.
Тренерот на Кожуф, Иван Варадиновски за М Нет истакна дека е задоволен со овој освоен бод на тешкото гостување против Брегалница во неговиот роден град.
„Голем бод за нас, одигравме квалитетен натпревар против еден од главните фаворити за влез во Прва лига. Комплетно сум задоволен од почеток до крај од целиот натпревар. Се тоа што го договоривме го исполнивме во целост. Ги знаевме нивните силни и слаби страни и можам само да кажам дека сум презадоволен од прикажаното во текот на целиот натпревар“, рече Варадиновски за М Нет.
Варадиновски зборуваше и за амбициите и целите со неговиот Кожуф за новата сезона, со оглед на тоа дека е почеток на сезона.
„Па ова нека биде репер како треба да изгледаме во наредните натпревари и јасно е дека не треба да застанеме тука и да се задоволиме со бод. Ние на секој натпревар ќе одиме за гол повеќе, за бод повеќе. Околу амбициите не ги говорел ништо повеќе туку само тоа дека одиме натпревар по натпревар и што повисоко место на табелата“, дополнува Варадиновски.
Во следното коло екипата на Кожуф предводена од Варадиновски ќе игра против Новаци на домашен терен.
„Нормално подготовките ќе течат како и за секој друг натпревар и што поспремни да го дочекаме Новаци во второто коло“, дополни тренерот на Кожуф.
Пред двете екипи сега ќе следува првиот меч од Купот, Брегалница ќе игра против Победа во Валандово, а пак Кожуф со Шкупи.
Александар Ванев, М-Нет