Околу 117 млади земјоделци аплицирале на мерката за поддршка од владата, 70 милиони денари чекаат зелено светло по изборите

117 млади земјоделци аплицирале на владината мерка „Поддршка за младите земјоделци“ – 70 милиони денари чекаат само зелено светло по изборите. Како што најави премиерот Христијан Мицкоски, мерката е целосно подготвена – огласот е завршен, апликациите се селектирани, а листата на корисници е финализирана. Но, поради изборниот молк, државата не може да ја активира ниту да ја промовира.

Мерката предвидува директна финансиска поддршка за младите кои сакаат да започнат сопствено земјоделско производство – средства што можат да се искористат за механизација, саден материјал, инфраструктура и други аграрни инвестиции.Активирањето се очекува веднаш по завршувањето на локалните избори, кога мерката ќе влезе во сила и средствата ќе бидат ставени на располагање на одобрените апликанти.

,,Да, поради изборните ограничувања таа мерка не се сме во можност да ја промовираме, иако огласот е завшрен, филтерот е направен, 117 корисници апликанти за околу 70 тина милиони денари. Може би бројката 117 не е грандиозно, но ако се има во предвид 2023 од 44 апликанти имаме само 18 корисници, тогаш станува збор за неколку кратно зголемување. Веднаш по забршувањето на локалните избори ќе биде ставен во функција и оваа мерка за поддршка на младите земјоделци.“, рече Мицкоски

Целта на програмата е јасна – младите да останат на село, да работат, да произведуваат и да го оживеат домашното земјоделство.

Очекувањата од оваа мерка се големи. Финансиската поддршка ќе им овозможи на младите да инвестираат во нова механизација, системи за наводнување, набавка на саден материјал, изградба на штали, оранжерии или складишта. За многумина од нив, ова ќе значи вистински почеток – можност за самоодржлив агробизнис, нова перспектива во селото, па дури и можност да вработат други млади луѓе од својата околина. Дополнително, мерката има и пошироко значење – како дел од стратегијата за спречување на иселувањето од руралните средини, обновување на домашното производство и градење на стабилна домашна агро-економија.

За земјоделците, ова не е само бројка или формулар – туку можност, надеж, и причина да останат на својата земја и да градат иднина со свои раце.

Доколку поддршката се спроведе навремено, транспарентно и со континуитет, оваа мерка може да биде една од најпозитивните приказни во домашното земјоделство во последните години.

Но останува прашањето – дали ќе се искористи потенцијалот на овие 117 млади земјоделци ?

Иван Митев, М-Нет