Се празнува Св. Великомаченик Пантелејмон – лекарот на душите и телата

Ден за молитва, со свеќа во рака, верниците го чествуваат Светиот великомаченик Пантелејмон, заштитникот на болните и исцелителот на душите. Уште рано утринава, граѓаните се упатија на утринска богослужба во Штип, да се поклонат пред иконата на свети Пантелејмон и да се помолат за нивно здравје и душевно смирение. И оваа година се дигаат панагии, се носат пресни погачи и се раздават за здравје на луѓето. Се верува дека на овој ден Св. Пантелејмон ги услишува молитвите и прави безброј славни и необични дела. Но, покрај во Штип, овој светец, се празнува и во регионот. На големо се слави и во кочанското село Пантелеј, како и во штипското слео Брес. Празникот се чествува секогаш на 9 август и е веднаш по празникот Св. Петка Параскева.

Свети Пантелејмон се роди во Никомидија од татко незнабожец, Евсторгиј, и мајка христијанка, Евула. Во младоста ја изучи лекарската вештина. Подоцна поверува во Христа и се крсти. Господ му имаше дадено голема благодат да лечи од секакви болести, не само користејќи ја лекарската вештина, туку и со силна молитва. Така излечи и еден слепец од кого сите лекари веќе беа дигнале раце. А тоа ги побуди истиве, поради нивната завист, да го обвинат пред властите како христијанин. Свети Пантелејмон беше ставен на маки, а откако стана јасно дека ништо не може да го поколеба во верата во преслаткиот Господ го испратија на губилиште, под некое маслиново дрво. Тој клекна на колена, се помоли на Бога, а потоа му беше отсечена главата. Пострада во 304 година. Чудотворец во текот на животот, тој продолжи да исцелува и преку неговите свети мошти кои се зачуваа.

Иван Митев, М-Нет