
Изминатиот викенд борачите на боречкиот клуб Олимпија од Штип приредија вистинска „жетва“ на медали на меѓународниот турнир „Црвена Ѕвезда“ во Србија, од каде младите и талентирани борачи се враќаат со големи успеси и резултати.
На овој турнир учество земале натпреварувачи од повеќе од 16 држави меѓу нив и Македонија. Како што вели Стефан Зашков за М Нет телевизија конкуренцијата била силна, а тој го освои второто место односно сребрениот медал.
„Настапивме на меѓународниот турнир во Белград „Црвена Ѕвезда“ каде се натпреваруваа 16 држави, од кои Полска, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, значи многу повеќе држави, исто така и Бугарија. Сум задоволен од турнирот секако може подобро бидејќи второ место, но конкуренцијата исто така беше силна, имав четири борби, три ги победи 10:0 со технички туш, но во финале за жал изгубив од натпреварувач од Полска, на техничка супериорност на противникот. Но, се е искуство, така да ќе одиме напред, ќе тренираме, јас сум задоволен секако од искуството од турнирот и се надевам дека во иднина ќе има повеќе успех и секако прво место“, вели Зашков.
Турнирот во Србија е искуство повеќе за Зашков, силна конкуренција бидејќи во неговата конкуренција имало 15 борачи.
„Се натпреварував на категорија од 74 килограми, со два килограми толеранција, од кои што имаше повеќе од 15 натпреварувачи на моја категорија и го освои второто место“, додава младиот и талентиран борач.
Зашков сега се подготвува за следни предизвици, а пред него следува Државното првенство.
„Во иднина сакам да се подготвам за Државното првенство У-23 години, да се подготвам физички, технички, како и во другите аспекти од борење“, ни изјави Зашков.
Одличен резултат, второ место и сребрен медал и за Анастасија Трајчева која во иднина ќе цели кон подобри резултати.
„Се борев 66 килограми каде добивме две победи и еден пораз, категоријата не беше многу тешка, но можеше подобро. Во иднина се надевам на најдобро и ќе се подготвуваме подобро“, ни изјави Трајчева.
Покрај вторите места и сребрените медали на Зашков и Трајчева, од БК Олимпија прво место освои Кире Малчев, Јована Нисева го освои второто место, Марија Нисева беше бронзена, додека пак Мухамед Таири освои прво место, Марко Поповиќ, Реџеп Таири и Земри Авдили го освоија второто место.
Ова се одлични резултати за младите борачи, а сега веќе со фокусот се на следните предизвици со добра подготовка до нови успеси.
Александар Ванев, М-Нет