
Екипата на Струга ги започна подготовките за новата сезона во ракометната Суперлига, со неколку нови засилувања, но и со нов тренер кој ќе треба да биде дополнително претставен. Стружани досега се засилија со Стефан Атанасовски, Александар Ѓурѓевиќ, како и со Наум Костов, а речиси со сите ракометари од минатата сезона ја продолжија соработката.
Во следниот период ќе треба клубот да го назначи и новиот тренер кој ќе биде наследник на Наум Танески, кој си замина од клубот и веќе се договори да го предводи Прилеп во новата сезона од Суперлигата, а која треба да започне на 6 септември.
Стружани за новата сезона ќе се подготвуваат на домашен терен, ќе учествува на Струшкиот турнир кој се игра во период од 13 до 16 август, а преку овие натпревари и ќе ја проверува формата за новата сезона. Минатаа сезона Струга се избори за опстанок преку бараж, кога во Прилеп го совлада тимот на Мулти Есенс и така стружани изборија опстанок во ракометната елита на Македонија и за следната сезона.
Новата сезона екипата на Струга ја отвара против Вардар.
Шампионот Еурофарм Пелистер главната фаза од подготовктие ќе ја реализира во Златибор, а таму битолчани ќе останат десет дена, под водство на новиот тренер Рубен Гарабаја. Таму екипата ќе одигра и еден пријателски натпревар, а потоа ќе учествува на турнирите во Охрид и Скопје.
Пред стартот на сезоната Еурофарм Пелистер ќе игра со Вардар во Суперкупот, а потоа ќе игра против Бутел во првото коло од новата сезона во Суперлигата со што битолачни одбраната на титулата ја стартуваат на гостински терен.
Александар Ванев, М-Нет