Голем интерес кај младите за каратето, но проблем е да се задржат во сениорска конкуренција

Голем интерес има кај младите за каратето како спорт, има голем интерес и голема бројка на каратисти во младинските категории, но проблем е истите да се задржат да продолжат во сениорска конкуренција, вели Емил Павлов, најуспешниот каратист од Македонија во неговото гостување во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија.

„Можам да кажам дека за карате спортот во Македонија има голема заинтересираност, мислам дека има повеќе од 60 клуба во Македонија кои што работат. Има доста млади спортисти, но во последно време можам да кажам дека доаѓаат до тие сениорски категории и полека полека се откажуваат. Во оние младински категории и детски категории навистина има голем интерес, но еве како течат години како доаѓаат во оние поголеми конкуренции опаѓа заинтересираноста и учеството на тие турнири. Еве јас се надевам дека наредниот период ќе се најде некој начин како да се задржат да бидат дел и во сениорска конкуренција и јуниорска конкуренција и мислам дека имаме подмладок добар, но ќе треба да се работи многу за да бидат константни и успешни“, вели Павлов.

Павлов има две злата од Европски првенства, две бронзи, има еден сребрен медал од Светско првенство и еден бронзен медал од Европските игри. Вели дека е отворен за соработка со цел неговото искуство да го пренесе кај младите каратисти, во федерацијата или во клуб.

„Еве доколку има интерес од било која страна, дали од федерација или клуб или од било што, јас сум отворен за соработка, навистина треба сетоа онаа искуство и знаење што го стекнав во овие години да го пренесам на младите и мислам дека тоа за мене е еден голем плус доколку еве моето знаење и искуство го пренесам на млади спортисти, па еден ден тие ги достигнат и ме надминат во моите успеси, навистина тоа ќе биде за мене благодарна работа, доколку еве се понуди една ваква соработка“, дополни Павлов во неговото гостување во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија.

Емил Павлов е најдобриот каратист од Македонија кој зад себе има голема и успешна кариера.

Александар Ванев, М-Нет