Синоќа во Штип се одржа трибина „Спортот како двигател на позитивни промени во локална средина“ – присуствуваше министерот Борко Ристовски

Синоќа во Штип се одржа трибина на тема „Спортот како двигател на позитивни промени во локална средина“, а на која свое присуство имаше министерот за спорт Борко Ристовски.

На оваа трибина покрај министерот Ристовски, свое обраќање имаше и градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, како и поранешниот пратеник, борач и олимпиец Трајче Димков.

Штип е европски град на спортот рече Јорданов, кој додава дека како локална самоуправа се трудат да создадат соодветна спортска инфраструктура, но и да се даде поддршка на спортски колективи.

„Во општина Штип се одржува трибина за влијанието на спортот на локално ниво за влијание на спортот кон локалната заедница, на таа тема гласно ќе зборуваме заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со пратениците во собранието на Република Македонија, со спортските колективи и претставниците на спортски колективи, спортски работници, спортистите од нашиот град. Штип е европски град на спортот не само на хартија туку и по резултати и по напредок кој што од година во година го имаме. Морам да истакна дека во изминатите години како локална самоуправа се трудиме да го омасовиме спортот, да создадеме соодветна спортска инфраструктура и да дадеме соодветна поддршка на спортските колективи. Со новото министерство значајно се подобруваат условите во кои што работат спортски работници и спортските колективи и во таа насока нешто повеќе сигурно е дека ќе има да каже министерот за спорт и на вечерва присутните но и на јавноста во општина Штип“, вели Јорданов.

Министерот Ристовски вели дека Штип како град има богата спортска историја, а целта на трибината која синоќа се одржа во Штип е развојот и како може министерството за спорт и владата во соработка со локалната самоуправа да ги подобри условите и спортската инфраструктура.

„Ми претставува чест и задоволство што денес сум гостин во Штип, во еден град кој што има богата спортска историја како што кажа и градоначалникот. Тоа што ќе биде тема на денешните разговори на панел дискусијата е токму развојот како може министерството за спорт и владата во соработката со локалната самоуправа да ги подобри условите и спортската инфраструктура во која што младите најпрво ќе рекреираат и потоа понатаму како ќе зреат и професионално да се занимаваат со спорт. Значи импактот на инфраструктурата е врз развојот на младите во конкретниот случај Штип, сигурен сум дека ќе извлечеме забелешки што е тоа што му недостасува во овој момент на Штип, иако градоначалникот е човек кој што доста вложува во спортот, меѓутоа секогаш е убаво да се слушнат и други мислења, импактот и развојот на младата популација во случајот во Штип е многу важен за развојот на на државата и на тоа на што ќе ја градиме државата и на какви вредности сакаме да ја поставиме затоа што младите се иднината, а иднината е таа која што треба да им биде предадена на нив“, вели Ристовски.

Како што вели министерот Ристовски најголем предизвик е проблемот со спортската инфраструктура

„Предизвици има многу значи еден од најголемите проблемите ако не и најголем е спортската инфраструктура, затоа што на територија на цела Македонија, спортската инфраструктура генерално кажано е во очајна ситуација, токму тука е и акцентот на министерството за спорт, во овој изминат период. Што е можно да направиме подостојни услови за младите да спортуваат и рекреираат и се развиваат во професионални спортисти. Вториот дел е изнаоѓање на финансии да се поддржи спортот меѓутоа исто така во едукација на спортските менаџери за тие средства правилно се искористат и да дел од тие средства останат не само да се поделат да речеме на плати, меѓутоа дел од тие средства и во континуирано вложување во спортската инфраструкура меѓутоа и да се вложува во младите“, вели Ристовски.

Спортот во Македонија добива на важност особено со формирањето на министерството за спорт.

Александар Ванев, М-Нет