
Штипскиот второлигаш Брегалница од денес започнува нова ера – турскиот инвеститор го превзема клубот, со нова управа и нов стручен штаб „сините“ ќе работат постепено на градење на силен и конкурентен тим.
Денес беше одржана првата прес-конференција, на кое свое обраќање имаше градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов и новиот инвеститор Мурат Шамил Шен, кој е познат спортски работник од Турција. Се работи за поранешен репрезентативец кој играл за познати клубови во Германија и Турција, а го носел дресот и на гигантот Фенербахче.
„Согласно донесената одлука на советот на општина Штип веќе се превземени во 100% акциите од досегашниот сопственик Кирил Гогов и од денес започнува постапката за продажба на 85% од акциите на идниот и нов сопственик познат спортски работник од Република Турција, кој што денес е со нас тоа е господин Мурат“, рече Јорданов.
Според договорот Брегалница задолжително ќе треба да се натпреварува во Прва и Втора лига.
„Договорот е практично Брегалница настапува задолжително во двете најсилни лиги, обврска најголем дел од стручниот штаб практично од фудбалскиот тим да бидат штипјани, да бидат наши сограѓани, нешто кое што сметам корисно за развој на фудбалот во нашиот град “, дополнува Јорданов.
Како што вели новиот инвеститор ќе се стави фокус на младинските категории, а постепено клубот ќе се гради за високи патеки и враќање во елитата.
Новиот инвеститор неколку години барал спортски клуб, а истиот има инвестиции и во други области во Македонија.
„Ние веќе три години имаме свои инвестиции во други бранши во Македонија и исто така баравме и клуб во фудбал и кошарка. После толку барања и средби со неколку клубови одлучивме да инвестираме во ФК Брегалница“, вели новиот сопственик.
Нов шеф на стручниот штаб ќе биде искусниот стратег Влатко Костов од Штип, Брегалница веќе води преговори за нови засилувања, кои ќе треба да се промовираат во следните денови, а исто така се договорени пријателски натпревари и утврден е планот за подготовки
„Денеска ќе се започне со тренинг има нови играчи и има закажано пријателски. Се оди според потребите и според тоа што го бара господинот Влатко Костов“, вели новиот сопственик.
На нова прес-конференција ќе бидат претставени новиот стручен штаб и новите засилувања.
Новиот сопственик истака дека треба медиумите да се почитуваат и редовно да има изјави пред и по натпреварите.
„Медиумите се многу битни и мора да се почитуваат и ние ќе ангажираме лице за контакт со медиумите и ќе биде известени за се што се случува во тимот и околу тимот.“
Новата сезона во Втората лига започнува на 23 август.
Александар Ванев, М-Нет