
Штипска Брегалница остана без уште двајца играчи, откако Димитриј Димитриевски и Иван Глигоров заминаа од клубот и кариерите ќе ги продолжат во нови средини.
Како и што претходно информиравме голем број на играчи од Брегалница заминуваат додека е во тек е процесот за превземање на клубот од страна на турски инвеститор.
21-годишниот Глигоров и 23-годишниот Димитриевски во новата сезона ќе настапуваат за екипата на Охрид, клуб кој има амбиции за влез во Прва лига и за таа цел гради конкурентен ростер.
Штипјанецот Глигоров игра во офанзивните позции во средниот ред ќе биде одлично засилување за Охрид, се работи за млад и талентиран фудбалер кој својата кариера ја развиваше на интернационалната сцена, настапувајќи уште на 15 години во италијанска Перуџа, а потоа беше дел од младинскиот тим на Национал од Португалија, од каде дојде во Штип во дресот на Брегалница.
Глигоров исто така има настапи за репрезентациите на Македонија до 15 и 17 години.
Велешанецот Димитриевски е лево крило, беше еден од стандардните играчи на Брегалница, а низ својата кариера има настапувано и за Кит Го од Пехчево, како и Македонија ЃП, а настапуваше во младинските категории на Њу Старс, Академија Нацев и Борец Јуниор од Велес.
Во сезона 2021/2022 Димитриевски со Македонија ЃП го освои Купот на Македонија.
Претходно од Брегалница си заминаа голманот Дамјан Серафимов, браќата Стојан и Димитриј Попоски, како и Виктор Наумовски кои го засилија Охрид, потоа Лука Георгиев, Стефан Бабунски, Зоран Даноски кој го засили новиот второлигаш Големо Коњари, а според нашите информации клубови преговараат со Горан Томовски и Давид Стојков.
Новата сезона во Втората лига започнува на 23 август, а пред Брегалница ќе биде исклучително важен период за составување на конкуретен тим, ако сака враќање во Прва лига.
Александар Ванев, М-Нет