
Насилството не само што е неприфатливо, туку е и директен удар врз интегритетот на институциите и довербата на граѓаните во нив.
На итна координација повикува претседателот на Советот на Општина Кочани, Лазо Митев, по инцидентите кои се случија на поседната седница. Преку писмено соопштение тој истакна дека работата на советот мора да биде во служба на јавниот интерес, во духот на почит, дијалог и законитост. Заради тоа ги повикува коориданотрите на советничките групи на координација во среда со почеток во 12 часот.
„Во таа насока, ги повикувам координаторите на советничките групи на итна координација, со цел:
• да се стави јавниот интерес на прво место и да се обезбеди нормално и безбедно продолжување на седницата
• да се постигне согласност околу процедурите што ќе гарантираат достоинствено однесување во иднина,
• и да се постави јасен институционален став кон вакви недозволиви постапки.
Ги повикувам сите политички субјекти да дејствуваат одговорно и да ја стават стабилноста на Советот и доброто на граѓаните пред партиските интереси.
Советникот вршител на должноста градоначалник е повикан на координацијата.“ – вели Митев.
Граѓаните очекуваат решенија, а не конфликти. Очекуваат зрелост, а не омраза.
Секој обид за одбегнување на институционален дијалог ќе биде третирано како обид за попречување на работата на Советот, додаде Митев.
На последната седница на Советот на Општина Кочани, се случи инцидент во кој преку вербална расправија дојде до обид за физичка пресметка, во кој советникот Аки Акиов, со пластично шише полно вода удри службеничка вработена во Општина Кочани. Седницата беше прекината.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет