Oд денес забрана за движење во шумите и летен сообраќаен режим за тешко товарни возила

Oд денес забрана за движење во шумите и летен сообраќаен режим за тешко товарни возила

Првата е целосната забрана за движење во сите шуми и шумско земјиште која ќе важи до 31. август 2025 година, поради зголемената опасност од шумски пожари. Движењето во шумите ќе биде дозволено само со писмено одобрение од ЈП „Национални шуми“ или од Националните паркови, во зависност од подрачјето. За прекршување на оваа мерка, предвидени се казни од 1.500 до 2.000 евра.

Во исто време, од 1. јули до 31. август, на државните патишта се воведува и летен времен режим на сообраќај за тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони. За време на викендите и деновите со екстремно високи температури, тие возила ќе бидат забранети на патиштата во следниве термини:

Петок: 17:00 – 22:00 часот

Сабота: 09:00 – 19:00 часот

Недела: 09:00 – 22:00 часот

Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерството за здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во периодот од 11:00 до 17:00 часот.

Посебен сообраќаен режим ќе биде воведен и за патниот правец А2 (Скопје – Охрид) во периодот од 1. јули до 1. септември 2025 година, и тоа во истите часови како и за целата земја, со дополнителни ограничувања за петок, сабота и недела, но и во денови со екстремно високи температури, како што ќе ги одреди Министерството за здравство.

Ограничувањата не се однесуваат на возила кои превезуваат животни, хуманитарна помош, жито, нафта, опасни материјали и други специфични стоки, како и за возила кои вршат работи поврзани со одржување на државните патишта.

Иван Митев, М-Нет