ЕХФ донесе одлука: Алкалоид е освојувач на Европскиот куп!

фото: РК Алкалоид

Македонскиот ракомет доби нова блескава страница во својата историја – РК Алкалоид е освојувач на Европскиот Куп за мажи на ЕХФ за сезоната 2024/25!

Европската ракометна федерација (ЕХФ) донесе официјална одлука со која го регистрира неодиграниот реванш во Скопје со службени 10:0 во корист на Алкалоид, откако грчкиот АЕК Атина одби да се појави на терен. Причините за бојкотот беа интерни притисоци и закани од навивачите на клубот, но тоа не беше оправдување за ЕХФ, која оцени дека АЕК ги прекршил правилата со неучеството.

Со оваа службена победа, во комбинација со триумфот од првиот натпревар во Атина (29:25), македонскиот тим заслужено го освои својот прв европски трофеј.

Алкалоид влезе во елитното друштво на македонските клубови со европски титули, приклучувајќи се на Вардар 1961 и Кометал Ѓорче Петров – клубови кои во минатото ја освоија Лигата на шампиони.

Истовремено, ова е и прв голем успех на клупско ниво за тренерот Кире Лазаров, кој на самиот почеток на својата тренерска кариера стигна до европска титула, по богатата играчка историја исполнета со трофеи.

Александар Ванев, М-Нет