
Општина Штип за првпат распиша јавен повик за доделување на стипендии од областа на спортот како директна поддршка на младите и талентирани спортисти од општина Штип.
Стипендиите се наменети за ученици-спортисти кои активно се натпреваруваат во индивидуални спортови и ученици-спортисти кои се натпреваруваат во екипни спортови.
„Општина Штип распиша повик за пријавување за спортски стипендии ученици во основните и средни училишта на угледни спортисти од нашиот град коишто имаат значајни постигнувања. Во рамки на овој повик сите оние кои што имаа значајни достигнувања во областа на спортот во индивидуални спортови и колективни спортови, ќе имаат можност да се пријават и врз основа на критериумите коишто се наведени и комисијата која што ќе биде составена од пет члена, ќе бидат разгледани сите пријави кои што ќе се достават до нас како општина Штип, а со тоа ќе успееме да ги стипендираме и мотивираме“, рече градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов.
Покрај поддршката која ја добиваат спортските клубови, општина Штип за првпат одвојува финансиски средства за спортски стипендии со цел стимулирање на спортските надежи.
„Прва година за првпат досега општината освен поддршката на спортските клубови, на спортските работници, на колективите, за првпат одвојува финансиски средства за спортски стипендии, во насока на стимулирање и мотивирање на спортските надежи коишто ги имаме во нашиот град“, додава Јорданов.
Преку правилник утврдени се критериумите за доделување на стипендиите.
„На 60-тата седница на Советот на општина Штип е изгласан правилник за доделување на стипендии на сите редовни и вонредни основци и средношколци спортисти во град Штип. Основен услов за учество на повикот е учениците да се спортисти во клубови на град Штип и да бидат жители на град Штип. Инаку, критериумите се направени од повеќе детали, најпрво се гледа успехот од училиштето, потоа спортските достигнувања кои се класифицирани во повеќе делови. Тоа се олимписки спортови, Европски, Светски, Балкански првенства, Куп на Македонија и државни првенства. Бодувањето ќе го изврши комисија од Советот на општина Штип, буџетот одвоен по оваа ставка е три милиони денари, стипендиите ќе бидат во повеќе категории од 3.000 денари, 4.000 денари, 5.000 и 6.000 денари зависност од бодовите“, рече Никола Костадинов кој е претседател на комисијата за спорт на општина Штип.
Ќе биде формирана комисија која ќе има за цел да го утврди исполнувањето на критериумите.
„Преку медиумите апелираме до јавност во Штип, до сите спортисти коишто имаат достигнувања значајни резултати дали е тоа на државно ниво на меѓународно ниво, Светски и Европски првенства, државно достигнувања да го проследат овој повик да се пријават затоа е и намената на оваа прес-конфереција, да го свртиме вниманието на спортската јавност, сите спортисти, млади спортисти ученици коишто живеат во нашата општина, да бидат информирани дека ги следува правото да се пријават, а секако во една транспаретна постапка комисијата која што е составена во рамки на Советот на општина Штип, ќе ги разгледа сите документи, сите пријави коишто ќе бидат доставени и врз основа на тоа сите оние коишто ќе ги исполнат критериумите, коишто се наведени и се јавно достапни ќе бидат стипендирани“, дополнува градоначалникот Јорданов.
Стипендијта се исплатува за 12 месеци во годината.
Александар Ванев, М-Нет