
Познати се сите екипи кои ќе настапуваат во Првата футсал лига на Македонија во следната сезона 2025/2026.
Со комплетирањето на Втората лига и завршувањето на сезоната и официјално ги имаме сите екипи кои ќе бидат дел од елитата во новата сезона. По неколку години пауза се враќа прволиогашкиот футсал и во Штип, па така штипјани ќе имаат можност да следат натпревари од Првата футсал лига на Македонија.
Форца минатата сезона ја освои двојната круна и ќе игра во квалификациите за Лигата на шампиони, а покрај тимот од Куманово, во елитата ќе се натпреваруваат Клими, Проект, Осогово од Крива Паланка, Шкупи, Кеги Моби, Јувентус Серава и Бутел кои минатата сезона беа дел од елитата, а во новата сезона ќе се натпреваруваат и Мал Ајакс и Балкан.
Како што веќе информираше М Нет телевизија екипата на Мал Ајакс стана шампион во Втората футсал лига и изминатиот викенд го подигна шампионскиот пехар, а пак Балкан како второпласиран влезе во Првата футсал лига.
Територијално во новата сезона на Првата лига дури четири екипи доаѓаат од Скопје, а по една екипа од Куманово, Кавадарци, Валандово, Крива Паланка, Велес и Штип.
На Истокот прволигашки футсал ќе има само во Штип, додека пак од западниот дел на државата нема ниту една екипа која е член на футсал елитата на Македонија.
Како што веќе објави М Нет телевизија од Првата футсал лига испаднаа екипите на Црна Река и Железарец, а со испаѓањето на Црна Река ќе значи дека нема да има градско дерби во Кавадарци.
Во Првата лига се натпреваруваат десет екипи, а последните две екипи директно испаѓаат во Втората футсал лига.
Александар Ванев, М-Нет