
На 24 мај во Штип, Боречкиот клуб Олимпија ќе организира свечен спортски настан – двомеч во борење со клубот Борба тим Стое од Благоевград, Бугарија. Натпреварот ќе се одржи во Парк Баби, во рамки на Основното училиште „Славејко Арсов“, со почеток во 12 часот.
Настанот се организира во чест на Ацо Крстев, легенда на македонското борење, кој годинава одбележува 60 години активно учество во спортот – како спортист, тренер и спортски работник. Крстев е основач на БК Олимпија, каде што активно работи со младите генерации борачи, како и на Пеливанскиот клуб „Ацо Крстев“, каде што се негува традиционалното борење.
Тој е долгогодишен тренер на македонската репрезентација, а во својата кариера има изведено бројни борачи кои освоиле медали на балкански и европски првенства. Последниот успех беше на Европското првенство во Велико Трново, Бугарија, каде што Зоран Шоров освои сребрен медал.
На двомечот во Штип ќе учествуваат најмладите борачи, на возраст од 8 до 10 години, од клубовите Олимпија и Борба тим Стое, во чест на исклучителниот придонес на Ацо Крстев кон македонското борење.