Шестпати од земја и двапати авионско ќе се прска против комарци во Штип

Општина Штип и оваа година започна со пркањето против комарци. Ларвицидна дезинсекција на комарци веќе е спроведена, а за утре е закажана и адултицидна дезинсекција. Оваа година согласно програмата на општината се предвидени шест прскања од земја и две авионски прскања против комарците.

„Оваа година по програмата за заштита на населението во Општина Штип се предвидени шест прскања од земја и две авионски прскања. Првото прскање веќе е започнато, ларвицидна дезинсекција, односно прскање на застојни води и мочуришта. Второто прскање е во петок.“ – вели Ристова.

Започна и дератизацијата на територија на Општина Штип. Активности имаше на 160 шахти со помош на екипи од ЈП Исар. Дератизација ќе има и во месец септември.

„Процесот за дератизација ќе се одвива исто така во два наврати, во месец мај сега и во месец септември.“ – додава Ристова.

Во меѓувреме стои проблемот за заедничко третиање на комарците во општините од Истокот. Иако имаше повеќе напори за да се прска против комарци заеднички тоа се уште не е реализирано, па секоја општина прска самостојно. Токму затоа ефектот е помал.

Уште во периодот од 1 до 7 часот ќе се прска против комарци во Штип, по течението на реките Брегалница и Отиња, подрачјата околу каналниот систем, урбаните населби и останатите локалитети на територија на општина Штип.

Се известуваат пчеларите навремено да ги преземат соодветните мерки за заштита на пчелите.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет