
Ждрепката посака во баражот за влез во Втората македонска фудбалска лига да се соочат Слога Виница како шампион на Трета лига – Исток и Преспа како шампион на Трета лига – Југозапад.
Екипата на Слога Виница предводена од штипскиот стратег Емил Грнев се прошета низ Трета лига – Исток и лесно стигна до освојување на шампионскиот пехар.
Тимот од Виница имаше 17 победи и само еден пораз на 18 одиграни натпревари, а притоа го има најефикасниот напад кој реализирал 99 погодо, што е убедливо најдобар напад, ако се земе фактот дека Овче Поле го има вториот најдобар напад со само 28 постигнати погодоци. Притоа, Слога Виница прими само осум погодоци на овие 18 натпревари, а собра 51 бод.
Екипата на Слога Винциа во сезона 2022/2023 испадна од Втора лига во Трета лига – Исток, а по две сезони поминати во третолигашкото друштво екипата од Виница е пред можност за враќање во Втора лига.
Екипата на Преспа од Ресен со 15 победи, четири ремија и два порази стана шампион во Трета лига – Југозапад. Тимот од Ресен го има вториот најдобар напад со 49 погодоци, зад тој на Сатеска со 60 погодоци, а притоа Преспа ја има најдобрата одбрана која примила 16 погодоци и има освоено 49 бодови.
Преспа после долги години има можност да се врати во Втората македонска фудбалска лига, а Ресен од следната сезона да гледа одново второлигашки фудбал.
Двете екипи ја исполнија првата цел станаа шампиони во своите региони, а сега доаѓа финалното соочување, финалниот меч, последните 90 минути до влез во Втората лига.
Бараж натпреварот меѓу Слога Виница и Преспа се игра на теренот на ФФМ во Скопје, сабота од 17 часот.
Александар Ванев, М-Нет