
По големиот успех на Меѓународните спортски игри без граници во Грција, каде што го освоија првото место, одбојкарките на клубот Младост УГД од Штип денес беа на прием кај градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
Во знак на признание за постигнатиот успех и достојното претставување на Штип и државата, градоначалникот им го честиташе извонредниот настап и освоениот пехар, истакнувајќи дека нивниот успех е вистинска гордост за целиот град.
Јорданов во своето обраќање ја потврди поддршката од страна на Општина Штип кон спортот, со најави за континуирана логистичка и финансиска поддршка за одбојкарките и сите спортски клубови кои ја претставуваат општината, како на домашната, така и на меѓународната сцена.
Во рамки на приемот, градоначалникот го најави и завршувањето на спортскиот центар „Џексон“, кој, како што најави, ќе биде целосно подготвен и пуштен во употреба до крајот на годината. Центарот ќе биде наменет за користење од страна на одбојкарските, кошаркарските и ракометните клубови од Штип.
На крајот од приемот, Јорданов упати силна порака до сите спортисти од градот.
„Вие сте најголемите амбасадори на нашиот град и нашата држава. Вашиот труд, дисциплина и успеси се најдобриот пример за младите и најдобрата промоција на Штип на меѓународната мапа“, рече градоначалникот Јорданов.
За одбојкарките на Младост УГД ова е голем успех и потврда за напорната работа и посветеноста за што поголеми успеси и напредок.
Александар Ванев, М-Нет