
Се прават заштитни обрачи низ шумите со цел да се заштитат од пожари периодов кој следи. Со механизација, но и со планови и стратегии, чистење на патиштата се штитат планините, шумите од евентуални пожари кои би можеле да се појават летниот период. Според заменик директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, правењето на заштитни обрачи низ шумите, лани се покажа како добра пракса, кога од целосно опожарување спасија неколку села лоцирани во подножјето на планината Серта.
„Во моментот активно работиме на прочистување на патиштата коишто ги имаме, на шумската патна инфраструктура, отварање на нови патишта и средување на веќе постоечките. Тоа значи правење на заштитни обрачи за заштита од евентуални пожари“ – вели Михаилов.
Претходната анализа укажува дека ниту една институција во државата соодветно не е подготвена да се бори со пламените јазици. Токму затоа се прават напори да се решаваат проблемите долгорочно.
„Стратегијата вклучува набавка на она што никаде го нема. Значи ниту една институција не е подготвена за заштита од пожарите, вклучително почнувам од нас и сите други останати. Секаде се со дотраени возила, секаде се со опрема која малтене е неисправна и она што го кажав на почетокот, ги начекавме нашите вработени да гасат пожари буквално на влечки, во вистинска смисла на зборот. Ги начекавме со неподмирено здравство беа луѓето„ – рече Михаилов.
Инаку во источниот регион лани еден месец беснееш пожар на планината Серта, а потоа голем пожар имаше и во пехчевско.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет