
Кошаркарите на Соколи утре го играат вториот меч од полуфиналето против екипата на Ангели. По катастрофалниот пораз на штипскиот клуб на гостувањето во Скопје, сега останува само едно, тој меч да се заборави и екипата да дојде до победата која победа ќе обезбеди трет меч, со цел да може Соколи да дојде до финалето, а кое финале ќе значи и влез во Првата лига.
На првиот меч екипата на Ангели на домашен терен со високи и убедливи 105:57 го декласираше Соколи. После ваквиот голем пораз, тренерот на Соколи, Тоше Димиќ рече дека чувствува одговорност и од негово име и од името на клубот се извини на целата штипска кошаркарска јавност за катастрофалната игра. Тренерот Димиќ истака дека ќе играат до последната трошка надеж со цел да дојдат до финале, а веќе утре ќе мора да триумфира во „Јордан Мијалков“ на вториот меч против Ангели.
Вториот натпервар меѓу Соколи и Ангели се игра во спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип, а кошаркарскиот клуб Соколи и кошаркарите бараат поддршка од навивачите, од штипската јавност, со цел да им бидат ветер во грб на многу важен и клучен меч во обид Соколи да триумфира и да обезбеди и трет меч.
Натпреварот ќе започне во 19 часот и се игра во „Јордан Мијалков“.
Екипата на Маџари кој триумфираше на првото соочување со вториот тим на МЗТ Скопје, утре со почеток од 16 часот ќе го игра вториот меч. Триумф за Маџари ќе значи и финале, а со тоа и влез во Првата кошаркарска лига, затоа вториот тим нз МЗТ Скопје ќе оди по триумф со цел да има трет меч.
Александар Ванев, М-Нет