Нема селективност во истрагата за пожарот во Кочани вели Коцевски, се сослушуваат сведоци и оштетени лица

Се сослушуваат сведоци и оштетени лица кои знаат нешто за трагичниот настан во дискотеката во Кочани, а се координираат со вешти лица во врска со истрагата, изјави републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, денеска, пред почетокот на седницата на Советот за јавни обвинители. Според него, нема никаква селективност во истрагата досега, а нема да има ни понатаму.

— Во Јавното обвинителство за организиран криминал има постапка за 14 или 15 лица, за кои нема определено мерки притвор. Нема никаква селективност досега, нема да има ни понатаму. Како што веќе имам кажано, сѐ до завршување на истрагата можно е евентуално проширување, меѓутоа тоа зависи од доказите и од она што јавните обвинители ќе го обезбедат. Истрагата е во исклучително важна фаза сега, затоа не можам да споделувам подетални информации во однос на истрагите кои што се водат рече Коцевски.

Во истрагата се ангажирани максимални капацитети од сите истражни органи и се вклучени десетици стручни лица од различни области.

Во исто време, во насока на прибирање на сите докази кои можат да помогнат за целосно испитување на настанот, Јавното обвинителство упатува отворен повик до сите кои што имаат лични сведоштва за несреќата, информации и докази во однос на работата на клубот “Пулс” – Кочани и поврзаните фирми, како и сознанија во врска со работата на институциите надлежни да постапуваат, да ги споделат со истрагата.

Имајќи ги предвид законските рокови и потребата од ефикасност на постапката, на веб страницата на Јавното обвинителство e објавен формулар со чие пополнување тие можат да се пријават за да достават податоци и информации кои сметаат дека се релевантни за истрагата.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет