Македонија ЃП е лидер во Втората лига, неизвесно ќе биде за директен влез во Прва лига – во трката се Башкими, Арсими и Брегалница!

По 26 одиграни кола во Втората македонска фудбалска лига и натаму останува лидер Македонија ЃП со 57 бодови на своето конто, со што тимот од Ѓорче засега чекори успешно кон директен влез во Првата лига односно експресно враќање во елитата.

На второто место е тимот на Башкими од Куманово со собрани 56 бодови на своето конто, додека пак на третото место е тимот на Арсими со 55 бодови. Екипата од Чегране игра во најдобра форма на последните пет натпревари со четири победи и едно реми и од можни 15 бодови има собрано 13 бодови. Арсими е во бараж зоната за влез во Прва лига, но ги сака првите две места за директно да влезе во елитата.

Брегалница и натаму останува на четвртото место на табелата со 52 бодови на своето конто има пет помалку од лидерот Македонија ЃП, а пак четири помалку од второпласираниот Башкими односно од зоната за директен влез во елитата.

Веќе следното коло Брегалница ќе гостува во Гостивар кај Арсими каде ќе играат директен дерби дуел кој е од капитална важност и за двете екипи на патот кон влез во Прва лига. Тоа ќе биде дуел на третиот и четвртиот на табелата во обид за директен влез во Прва лига.

Беласица во пролетниот дел игра допадлив фудбал и се проби до петото место на табелата што е цел на тимот од Струмица да ја заврши сезоната на високото петто место, а на своето конто има 39 бодови. Толку бодови има и тимот на Охрид кој пак е шести на табелата, а Детонит Плачковица е седми со 37 бодови. Некогашниот прволигаш Скопје е на осмото место со 34 бодови, а пак Кожуф и Саса екипи кои се во длабоки резултатски кризи го делат деветото емсто со по 33 бодови.

Интересно е тоа што трката барем за осмото место станува интересна бидејќи Победа која е на 11-тото емсто има 30 бодови, а толку има и Вардар Неготино кој е на 12-тото место. Новаци е на 13-тото место со 29 бодови и овие екипи веќе во следното коло ќе го потврдат директниот опстанок и математички.

Осогово е на 14-тото место со 22 бодови и тимот од Кочани кој го води Крсте Крстев игра во одлична форма со што „жетварите“ се сигурни во баражот и преку истиот ќе бараат опстанок во Втора лига.

Во зоната за директно испаѓање во Трета лига е Борец како претпоследен со 13 бодови и Вардарски кој е закован на дното со 11 бодови и овие две екипи експресно се враќаат во Трета лига – Југ односно Трета лига – Исток.

Александар Ванев, М-Нет