За првпат во Штип турнир во пеливанско борење „Трофеј Штип“ – настанот ќе се одржи на стадионот на ФК Кежовица

За првпат во Штип ќе се одржи турнир во пеливанско борење „Трофеј Штип“, а кој настан има за цел да го претстави овој спорт пред јавноста во Штип. Интересот за овој спорт станува се поголем, а „Трофеј Штип“ ќе се одржи на 11 мај (недела) на стадионот на ФК Кежовица.

„11 мај стадион ФК Кежовица, Ново Село, за првпат во Штип нешто невидено и нешто ново ќе се случи. Тоа е натпревар во пеливанско борење „Трофеј Штип“. Пријавите веќе се отворени и јас самиот сум изненаден позитивно колку интерес привлече објавувањето на веста дека Штип ќе биде домаќин и организатор на натпревар во пеливанско борење. Се надевам дека интересот ќе биде поголем како одминува времето и како се доближуваме до самиот настан. Засега подготовките одат во најдобар тек, се надевам дека ќе имаме одлична организација, ја користам оваа прилика да ги поканам сите љубители на спортот, да видат одблиску за каков вид на спорт станува збор и какви се вештините на пеливаните кои ги умеат и се надевам дека ќе ужива публиката во овој несекојдневен спорт“, вели Митров за М Нет телевизија.

Пријавите веќе се отворени, а почетниот интерес за учество на „Трофеј Штип“ е голем. Дејан Митров кој е организатор на овој спортски настан во изјавата за М Нет телевизија истакна дека посакува овој настан да стане и меѓународен.

„Со оглед на тоа дека подготовките се во тек, зависно од буџетот со кој ќе располагаме, ќе се утврди дали ќе има претставници од други држави или само од Македонија. Јас лично би сакал да биде што помасовен и да биде од меѓународен карактер со цел да уживаме во поинтересни и побројни борби“, додава Митров.

Целта ќе биде „Трофеј Штип“ да прерасне во традиционален настан и да се одржува секоја година.

„Секако дека тоа е целта да ги насочиме младите на спорт, да промовираме нешто што досега не е видено во Штип, се надевам моја лична желба е поголема група на луѓе кои се околу мене да прерасне традиционално и да се одржува секоја година како традиционален турнир во пеливанско борење „Трофеј Штип“, вели Митров.

Митров за М Нет телевизија открива дека и тој ќе биде еден од учесниците на турнирот.

„Активно се подготвувам и сакам да ја информирам јавноста дека и јас ќе бидам учесник на натпреварот“, открива Митров за М Нет.

Штип за првпат ќе биде домаќин на еден ваков спортски настан како што е турнир во пеливанско борење „Трофеј Штип“, а преку овој настан ќе се направи и дополнителна промоција на самиот спорт и во општина Штип. Јавноста ќе може да проследи несшто ново и досега невидено во Штип и да ужива во одлични натпревари.

Александар Ванев, М-Нет