Одбојкарите на Штип УГД испишаа нова историја со одбраната на Куп титулата, денес беа на прием кај градоначалникот Иван Јорданов

Одбојкарите на Штип УГД испишаа нова историја откако ја одбранија Куп титулата и со тоа градот под Исарот ја доби втората Куп титула. Штипјани беа подобри со 3-0 во сетови од Струмица во големото финале кое се играше во Радовиш.

Денес одбојкарите на Штип УГД беа на прием кај градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, кој лично им го честиташе овој голем успех и им посака многу среќа и успех за финалното соочување со Струмица во првенството со надеж дека Штип УГД ќе ја освои двојната круна, што ќе биде нов огромен успех за одбојката во Штип.

„На мое огромно задоволство денес остварив средба со претставници на клубот, раководството на одбојкарскиот клуб Штип УГД, со играчите коишто втора година по ред не’ израдуваа сите нас како граѓани на општина Штип, ја израдуваа македонската јавност со резултатот победата во финалето и освојувањето по вторпат на Купот на Македонија во одбојка. Навистина огромно е задоволството“, рече градоначалникот Иван Јорданов.

Локалната самоуправа ќе продолжи со силна поддршка за одбојкарскиот клуб Штип УГД и во иднина.

„Она кое сакам да го проследам во јавноста го искомунициравме, поразгоравме со целиот тим е дека како локална самоуправа ќе продолжиме со силна поддршка на ОК Штип УГД кој што го заслужува и го потврдува ова, да им посакам веќе во периодот кој што следи деновите кои што следат затоа што влегуваме во завршница од првенството. Сигурен сум дека тоа кое што го поседуваат ќе го покажат на терен и дека оваа година ќе биде уште еден историски успехс за нас како град и за одбојката во Штип и за овој клуб, а тоа е освојувањето и на првенството и овозможување градот Штип да има две титули, а тоа е Купот кој што втора година по ред се освојува и првенството во одбојка во Македонија. Уште еднаш сакам да се заблагодарам на сите чинители кој што придонесоа за да втора година по ред остане овој пехар во нашиот град, да се заблагодарам на играчите кои што покажаа и докажаат дека се заслужено на првото место до раководството на клубот до претседателот до тренерот и до вас медиумите кои што проследивте овој успех, но и настапите на одбојкарскиот клуб Штип УГД во оваа натпреварувачка сезона“, додава Јорданов.

Тренерот на Штип УГД, Кристиан Ристески се заблагодари за приемот кај градоначалникот, но и за соработката и поддршката која клубот ја добива од општината.

„Би сакал пред се да искажам огромна благодарност во име на целата екипа на целиот тим на Штип УГД, за овој прием од страна на општина Штип и градоначалникот, за целата поддршка за изминатите две три години ни ја дава општината посебно оваа година, каде што целиме кон нова историја својување на таа двојна титула. Се надевам на успешна соработка и во иднина со цел продолжување на сонот на идните генерации кои што овој клуб ги носи и треба да ги донесе. Успеавме на некој начин оваа година повторно Купот да го одбраниме и да се надеваме дека за две три недели повторно тука на ова исто место ќе се видиме во една убава атмосфера со освојување на шампионатот на Македонија“, рече тренерот Кристиан Ристески.

Клубот му врачи плакети на градоначалникот Иван Јорданов во знак благодарност и за поддршката која ја добива од општината, како и на Никола Мицевски кој е поранешен меѓународен одбојкарски судија.

Штип УГД оди по нова историја против Струмица која е бранител на шампионската титула, а финалето на плеј-офот се игра во три добиени натпревари и стартува на 25 април во Штип.

Александар Ванев, М-Нет