
Министерството за образование ја префрли топката кај родителите, самите да одлучат дали нивното дете ќе посетува физички или пак онлајн настава. Неизвесноста ќе трае до конституирање на новиот собраниски состав, кој треба да ги усвои денес направените нацрт законски измени.
Се поизвеснио е дека комбинирани модели за реализација на наставата ќе се практикуваат на територијата на општините Штип и Карбинци, соопштија денес за М-Нет раководителите на централните и подрачните основни училишта во овие две општини.
Тие предходно до Министерството за образование доставиле состојба за простор, интерес кај учениците и подготвеност на родителите да дозволат нивните деца физички да ја следат наставата во паралеки со помал број на ученици. Секој родител ќе потпише изјава – за каков модел ќе се одлучи, дали онлајн настава или пак физичко присувство.
Според просторните услови и првичните анкети кај родителите во руралните подрачја, моделот на физичко присуство најверојатно ќе го практикуваат не само учениците до трето одделение, туку и повозрасните ученици.
Извесно е и тоа дека часовите ќе бидат скратени за десет минути, а според она што денес на прес конференција го соопшти Министерот за образование, стартот на учебната година ќе биде одложен се до конституирање на нов состав на Собрание на РСМ, од чија функционалност ќе зависи навременото усвојување на предложените нацрт закони, последниот збор за моделот на следење на наставата.
Училиштата имаат обезбедено ИТ опрема, со кои ќе емитуваат едукативни содржини до учениците кои не се физички присутни. Во исчекување на потврда за работа од Биро за образование, како и од Министерството за образование, наставниот кадар од денес масовно се едуцира преку онлајн семинари, кои доловуваат сегменти за работа во услови на пандемија, по примерот на поразвиените земји и поефикасните образовни системи.