
Веќе две недели жителите на плачковичките села и сопствениците на викенд куќи кои се наоѓаат на патот кон аеродромот на планината Плачковица, чекаат да се среди патот кој беше уништен после поројните дождови.
Дел од нив реагираа во редакцијата на Мнет, по што контактиравме со градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев, бидејќи тој пат се наоѓа во атарот на оваа општина. Меѓутоа, во телефонски разговор, градоначалникот Насев истакна дека станува збор за регионален пат кој е во надлежност на ЈП „Македонија Пат“. Имено, Насев со писмено барање веднаш реагирал до надлежните во „Македонија Пат“, но до сега, се` уште ништо не било преземено.

Бидејќи директорот на штипската подружница на „Македонија Пат“, Тони Лазаров е подолг период на боледување и не е запознат со овој проблем, тој не упати да разговараме со Николче Рунчев, кој е одговорен за магистралните и регионалните патишта во подружницата.
Рунчев истакна дека до сега не одговориле на барањето на градоначалникот Насев, бидејќи во моментов биле ангажирани на асфалтирање на патот на влезот во Штип. Рунчев додаде дека откако ќе завршат со тие активности, за една седмица, веднаш ќе се упатат кон Плачковица, да го санираат проблемот.

Конкретно, проблемот со кој периодов се соочува подружницата на ЈП „Македонија Пат“ во Штип е тоа што располагаат со само една машина за асфалтирање, дознаваме од Рунчев, машина која ја користат за асфалтирање на влезот кон Штип.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк
Снимател ГОРАН ХРИСТОСКИ
Монтажа ДАРКО ДОНЕВ