СДСМ Штип: Мицкоски ќе отвора фабрика во Штип која веќе работи една година

Мицкоски од Штип повторно се обиде да направи евтин ПР-трик, повторно се обидува да прикаже како сопствен успех нешто што е резултат на политиките и инвестициите обезбедени од Владата на СДСМ , истакнаа денеска на прес конференција од ОО на СДСМ Штип.

„Фабриката на канадската компанија „Магна“, која успешно работи веќе повеќе од една година, денес е искористена за сечење ленти и лажно претставување како нова инвестиција. Штипјани знаат и паметат дека оваа странска инвестиција беше најавена уште во мај 2023 година , од тогашната влада на СДСМ. Како ќе им објасни Мицкоски на вработените во „Магна“, кои веќе една година секојдневно одат на работа, дека нивната фабрика допрва ќе започне со работа? Ова е само уште еден доказ дека ВМРО-ДПМНЕ нема капацитет да донесе нови инвестиции, нема идеи за економски развој и затоа се обидува да капитализира на работата што веќе е завршена од СДСМ. Граѓаните не можат да бидат излажани. Ваквото замајување на јавноста од реалните проблеми, нема да ги реши економската несигурност, ниските плати и мизерниот стандарт. “ – велат од СДСМ Штип.

Претходно се најави дека со отворањето на новата странска компанија во ТИРЗ Штип, ќе се отворат нови над 600 вработувања, со што ќе се развие дополнително градот.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет