
Во понеделник ќе биде комплетирано 25. коло на Првата македонска фудбалска лига, кое беше отворено денес со „вечното дерби“ меѓу Пелистер и Вардар.
Екипата на Силекс на домашен терен во Кратово ќе се соочи со ланскиот освојувач на Купот, Тиквеш во меч каде домаќинот предводен од Александар Васоски силно сака три бодови во трката за титулата. Трите бодови се од капитална важност и за Тиквеш, кој пак води грчевите борба за опстанок во Првата лига.
Кратовскиот тим е втор со само два бодови негатива од лидерот Шкендија и има неизвесната трка за титулата, а пак Тиквеш е во долниот дел од табелата со 21 бод и израмнет со Брера и Беса.
Гостивар на домашен терен и како фаворит ќе се соочи со последнопласираната Воска Спорт во дуел каде и овде трите бодови се повеќе од важни. Гостивар и натаму е во трка за титулата има шест бодови негатива од лидерот од Тетово, а пак Воска Спорт со триумф може да го напушти дното, но ќе зависи и од резултатите на конкурентите.
Беса максимално мотивирана оди на гостувањето кај Работнички, тимот од Добри Дол со двете големи победи во низа е во трка за директен опстанок, но против Работнички ќе биде исклучително тежок меч. Од друга страна и „романтичарите“ треба да бидат претпазливи бидејќи со пораз или реми ќе се оддалечат од титулата.
Лидерот Шкендија како голем фаворит ќе го пречека тимот на Брера Струмица кој е во длабока резултатска криза. Струмичани немаат триумф во пролетната полусезона, а на последните пет меча собраа само еден од можни 15 бодови и ќе имаат многу тешка задача за опстанок. Повеќе од јасно е дека поранешниот шампион е Тетово ќе биде голем фаворит за трите бодови и 15-то сезонско славје.
Актуелниот шампион Струга Трим Лум кој има 12 бодови негатива во однос на лидерот Шкендија на домашен терен ќе игра против Шкупи и тоа ќе биде дерби покрај езерото на двете екипи кои се во средишниот дел на табелата.
Шкупи е во резултатска криза со три порази во низа, а пак Струга која фати две победи во низа во претходното коло загуби од Беса, па во понеделник и двете екипи ќе бараат враќање на победничкиот пат.
Сите мечеви стартуваат во 15 часот.
Александар Ванев, М-Нет